На три дена пред гласање, бројот три победува, а победуваме затоа што цел демократски свет е со нас, истакна лидерот на владејачката партија Зоран Заев на завршниот предизборен митинг во Битола.
Горди сме, додаде тој, што како земја имаме можност да учествуваме во делењето на мирот во светот, гордост со цел демократски свет, како признаена држава од цел демократски свет.
-Македонскиот народ и македонскиот јазик се признати од цел демократски свет и горди треба да сме сите што ја заштивме македонштината и со помалите етнички заедници кое се заедно со нас. Испишавме историја со која ќе се гордееме, го остваривме сонот, аманетот на нашите претци. Покажавме дека можеме, докажавме дека можеме и тоа е најсилниот аргумент на овие избори. Бараме поддршка затоа што сите сакаме и имаме право европски да живееме, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев.
На граѓанскиот собир во археолошкиот локалитет Хераклеа, првиот човек на коалицијата „Можеме” Зоран Заев рече дека кампањата завршува во Битола затоа што крајот го краси делото.
-Битола е нашата гордост, Битола е нашиот симбол, Битола е репер каде како треба и се движи нашата татковина Република Северна Македонија. Бараме поддршка затоа што знаеме дека се што направивме во овие три години е вредно за внимание и за поддршка, затоа што се големи заедничките успеси и затоа што заедно можеме три пати повеќе, три пати подобро…нашите дострели се големи затоа што знаеме колкав капацитет има нашата татковина, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Хераклеа е магична локација, древна населба која минала низ подеми и падови, низ проблеми и решенија, место кое ни праќа историска лекција, а таа е – немој да дозволиш грешка, немој да пропушташ шанса, нагласи на неколку часа пред изборниот молк заменик претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска и додаде дека на 15 јули не смее да се дозволи грешка бидејќи државата е на вистинскиот пат.
Пред битолчани Шекеринска ги издвои успесите на македонската влада постигнати во овие 2,5 години во различни сфери со меѓународен, национален и локален акцент, како и за успешната борба на јавното здравство против епидемијата со која се соочува и светот.
-Покажавме дека на јавното здравство можеме да му веруваме и дека во најтешката криза да се потпреме на него бидејќи инвестиравме во медицински персонал, инвестиравме во болници, а во Битола овозможивме овој град да биде втор во државата што ќе има лабараторија со која ќе се справуваме со епидемијата. На јавното здравство денес можеме да му честитаме и да се поклониме затоа што кога беше најтешко тоа беше најдобро и затоа од Битола испраќаме аплауз за сите здравствени работници што дежураат низ цела држава и не штитат и го чуваат тоа што е највредно, животот и здравјето, нагласи Шекеринска.
Рече дека во оваа кампања зборот ЌЕ го замениле со зборот ВЕЌЕ, „затоа што нашето ЌЕ тежи повеќе, затоа што веќе сме членка на НАТО и затоа што веќе преговараме со ЕУ”.
-Покажавме дека зборот е збор, и затоа кога ќе кажам денес бараме 4 годишен чист мандат за да обезбедиме ред и правда и за да повторно ја заштиме државата од ковид-епидемијата, знам дека верувате, затоа што резултатите веќе можевте да ги видите. Со нас членството во ЕУ е достижно и реално за 6 години, а со нив – никогаш. За овие работи гласаме на 15 јули, за прашањата кои што ќе ја диктираат и ќе ја напишат историјата на нашите деца. Во изминативе 2,5 години секој пат кога имаше проблем, нив ги немаше. Секој пат кога беше потребно решение нив ги немаше, секогаш кога требаше дуел или соочување, и тогаш ги немаше. Нив ги нема при проблеми, ги нема при донесување одлука, ги нема на дуел и затоа на 15 јули ве повикувам за нив гласови да нема, истакна Шекеринска и ги повика битолчани масовно да гласаат и да го заокружат бројот три.
На вечерашниот предизборен собир на коалицијата „Можеме” за програмските цело говореа и кандидатите за пратеници од Битола Бисера Костадиновска Стојчевска и Горан Козаров.