Борисов не дава оставка: Демократски начин за преземање на власта е на избори

Бугарскиот премиер Бојко Борисов го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев, Владата и јавниот обвинител да поднесат оставка.

– Јас сум демократ, постои демократски начин за преземање на власта, а тоа е на избори. Не е демократски да се воведе преодна влада на мала врата и да се презема законот во свои раце, објави Борисов во видео-пораката објавена на Фејсбук.

Тој додаде дека Владата направила многу и оти е на власт поради одговорноста да ја спречи опозицијата да ја растури државата.

– Тие не можат да управуваат со земјата, тоа го покажаа, секој пат кога се на власт, блокирани се фондовите на ЕУ, истакна Борисов.

Во Софија и во другите бугарски градови синоќа се одржаа протести, трет ден по ред, поради полицискиот претрес на кабинетот на Радев.

Бугарскиот претседател во синоќешното обраќање до нацијата побара оставки од Владата и од јавниот обвинител.

Додека Борисов апелираше до демонстрантите да се воздржат од насилство и судири, при тоа додавајќи дека земјата ја очекуваат тешки месеци и години поради пандемијата со новиот коронавирус.

Треба да знаете
Последни објави