На последниот ден од изборната кампања, кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец Насер Зибери изјави дека верува во поддршката на граѓаните.
– Првиот премиер Албанец е многу повеќе од симбол на еднаквост. За мене, оваа позиција е алатка за подобрување на животот на граѓаните. На сите граѓани – Албанци, Македонци, Турци, Босанци, Власи, Срби и Роми. Тоа е алатка за достигнување на подобар живот за луѓето, за секој од нас. Тоа е алатка за еднаква правда и еднаква застапеност. Тоа е алатка за повеќе работни места и подобри плати. За подобар живот и подобра иднина, рече Зибери.
Вети дека во првите 100 дена ќе ја зголеми минималната плата за медицинските сестри, наставниците и воспитувачите на 600 евра.
– Ќе предложам социјални пензии за сите жени кои немаат право на работна пензија. Ќе имплементирам политика на нула даноци за граѓани до 35 години, доколку започнат со својата прва работа или го основаат својот прв бизнис. Ќе обезбедиме државни заеми од 20.000 евра за младите семејства да го купат својот прв дом и 20.000 евра државни грантови за млади земјоделци, истакна Зибери.
Најави ветинг за членовите на неговиот Кабинет, како и за сите политичари, судии, обвинители и државни службеници.
Во обраќањето, Зибери посочи дека како „премиер ќе мора да формира коалиција”, но, како што рече, под услови кои се повеќе од јасни.
– Покрај спроведувањето на мојата програма, постојат три црвени линии: Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија. Нема чекор назад, само напред кон целосната еднаквост и кон европска интеграција, рече Зибери.