Епископското служение е возвишен израз на аспостолското преемство и продолжение на апостолската служба, без која нема вистинска Црква и кое со чистота на животот и во чисто исповедание на верата се извршува. Архиерејската служба е чест, но и тежок крст што епископот смирено го носи по патот на спасителниот подвиг според примерот на Вечниот Првосвештеник, нашиот Господ Исус Христос за исполнување на апостолското дело, вели во наречение архимандритот Партениј кој денеска ќе биде хиротонисан за нов епископ на МПЦ-ОА.
– Повикувајќи ги своите ученици на проповед и осенувајќи ги со духовна власт, Христос вака ги поучи: Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори. Вие, пак, немојте така: но поголемиот меѓу вас да ви биде како најмалиот и тој што е старешина, да биде како слуга. Полагајќи ги тие зборови во основата на своето служење, епископот се труди да биде образ Христов, Негов духовен отсјај, кој насекаде ја јавува сострадалната љубов Христова – спасителна за сите. Според зборовите на апостол Павле, должен е на сите да им биде пример во се и достојно да ја носи крстната служба, сораспнувајќи се со Христа, наведува меѓу другото Партениј во наречението.
Епископот, додава, е како неуморен пастир кој треба непрестајно да бдее над своите овци, пазејќи ги да не застранат од патот на вистината и односно и одново да вели во срцето свое: Чеда мои, кои пак со маки ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос.