Изјава за медиуми, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител во ИЕ 3
Почитувани граѓани, почитувани медиуми
На 15 јули одлучуваме дали ќе одиме напред или ќе се враќаме назад!
Одлучуваме дали ќе продолжат да растат платите или ќе се полнат џебовите на луѓето на Груевски.
Одлучуваме дали ќе се заштитиме од КОВИД вирусот или ќе оставиме неодговорни луѓе да донесат хаос, паника и закана за здравјето на сите нас.
На 15 јули одлучуваме дали ќе го исчистиме судството од корумпираните или Мицкоски ќе ги спасува Камчев и Груевски?
Дали после НАТО ќе влеземе и во ЕУ или ќе им дозволиме да ја загрозат нашата иднина.
Не смееме да ја прокоцкаме шансата, многу вложивме за неа.
Денеска е последниот ден на кампањата.
За овие дваесетина дена го поминав целиот Исток, целата трета Изборна единица.
Се сретнав, разговарав со многу луѓе земјоделци, работници, бизнисмени, лекари, пензионери…
Граѓаните прават разлика!
Имаат повисоки плати, подобар економски стандард, има поддршка за стопанствениците, за земјоделството, за младите, го вративме достоинството, нема веќе закани, нема веќе страв, нема уцени, слободно дишеме и зборуваме.
Одговорноста е на секој од нас.
Заедно и одлучно треба да се спротивставиме и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Време е да тргнеме напред без ланци кои влечат кон минатото.
На нашата држава и требаат чесни, храбри и одлучни политичари, кои работат единствено во интерес на граѓаните.
Политичари кои се борат за правда, ред и дисциплина.
Затоа ни треба чист мандат. За да спроведеме одлучни и ефикасни реформи во правосудството, без блокади и кочење. Секој да одговара за стореното дело.
Драги пријатели,
Постигнавме многу, но можеме уште повеќе.
Затоа, Ве повикувам на 15 јули, почитувајќи ги сите мерки за заштита, со маска на лицето и со држење на дистанца да го остварите своето право на глас.
Гласањето ќе биде 100 проценти безбедно.
Вашата одлука ќе ја определи вашата и иднината на вашите деца.
Затоа ова избори се толку важни, затоа во среда никој не смее да остане дома.
На 15 јули од Истокот и целата држава, СДСМ и Коалицијата „Можеме” ќе остварат голема и јасна победа. Ќе одиме напред.