Да победи демократијата и да продолжиме по вистинскиот пат. Оваа кампања само не потсети колку всушност се разликуваат политичките партии, вели за 24 инфо заменик министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска. За себе вели дека сака предизвици и верува дека е можно во нашата држава да има и ред и правда и дисциплина. За бомбите вели дека мора да имаат соодветна судска разрешница. Објаснува дека не може да попречувате правда, да кочите носење на клучни закони, а да тврдите дека се залагате за правна држава. Една од мерките на кои почнале да работат пред изборот на преодната Влада е и како да се зајакне безбедноста во сообраќајот. Вели дека вртењето телефон за направен прекршок оди во минатото, сега ќе почнат за функционираат камерите и казните ќе си ги добиваме дома.
Како политичка партија која е на власт водевме позитивна кампања, се фокусиравме на она што го постигнавме во изминатите три години, но и понудивме реални и остварливи мерки со кои ќе продолжиме да ја надградуваме нашата држава. Северна Македонија може и ќе биде подобро место за живеење во кое грижата за сите граѓани ќе биде на прво место. Нашата програма не е список на проекти, туку мерки со кои ќе овозможиме правда и праведност, економски развој и социјална грижа. Ги остваривме најголемите политички ветувања, лчленство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Потврдивме дека кога се сака, се може. Затоа одиме понатаму, се фокусираме на развој на економијата .и обезбедување правна држава,
Каде се гледате себеси по изборите?
Сакам предизвици. Се чувствувам исполнето кога знам дека со мојата работа допринесувам да се остварат ветувањата за чесен и достоинсвен живот. Верувам дека е можно во нашата држава да има и ред и правда и дисциплина. Никогаш не сум правела големи планови за себе и за моите позиции, ама секогаш се вложувам искрено и чесно да ги остварам големите планови за сите нас.
Ваш коментар за кампањата?И како ги коментирате објавените “бомби”?
Бомбите мора да имаат соодветна судска разрешница. Не може да попречувате правда, да кочите носење на клучни закони а да тврдите дека се залагате за правна држава. На граѓаните им беше доволно лицемерието на режимот кога едно се зборуваше пред камера, а друго позади.
Цела кампања ја поминавте меѓу народот. Постои ли страв од Ковид-19?
Првите неколку дена постојано зборувавме за вирусот. Граѓаните се интересираа многу повеќе за вирусот отколку за другите проблеми. Но, после неколку дена од кампањата се соочивме со нашата нова реалност. Водиме битка со невидлив непријател кој можеме да го победиме само ако бидеме дисциплинирани, маска, хигиена на рацете и дистанца. За комуникативен и непосреден народ како нас знам дека понекогаш е тешко ова да се почитува, но мораме. Знаете колку хронични болни секојдневно се грижат и стравуваат за своето здравје и живот? Не е фер со нашата неодговорност да наштетиме некому. Во вториот дел од кампањата зборувавме за мерките, за досегашните резултатите и заедно се договаравме како ќе продолжиме да ја градиме нашата држава. Една од мерките на кои почнавме да работиме пред изборот на преодната Влада е и како да ја зајакнеме безбедноста во сообраќајот. Постојниот систем на видео надзор над сообраќајниците ќе се надгради и модернизира со камери кои ќе ги регистрираат прекршоците но и автоматски ќе ги испорсачуваат казните на домашна адреса на сторителот. Нема повеќе влијание на човечкиот фактор и вртење на телефон. Ова е нешто за кое наидовме на огромна поддршка кај граѓаните. Продолжуваме со решавање на реалните проблеми кои не засегаат сите нас.
Каков е вашиот став во врска со изјавите на господинот Али Ахмети?
Жалам што ДУИ се одлучи да ја води изборната кампања со едно единствено ветување, Албанец за Премиер. Знаете, тие се власт речиси 18 години и можат да излезат со отчет за тоа што направиле во ресорите кои ги водеа, наместо да се обидуваат да промовираат етнички премиер. Познавам многу личности во ДУИ, дел од нив се и носители на државни функции кои длабоко во себе знаат дека мора да поминат низ процес на внатрешно реорганизирање и реформа. Тоа е добро и за нив, но и за државата. би сакала во иднина да зборуваме за квалитетот на личноста, а не за неговото национално чувствто. За овие три години докажавме дека можеме да живееме заедно и обединето.
На овие избори како носители на листи во секоја изборна единица има жени.Дојдено ли е времето за жена Премиер?
И повеќе од тоа. Покажавме дека политиката не е машка професија, но уште повеќе дека ние жените можеме успешно да се справиме со секоја задача која е поставена пред нас. Во периодот кој следи не чекаат многу битни реформи, прочистување на судството, прочистување на МВР и економски развој. Трите клучни столба кои мораме да ги зацврстиме и на нив мора да се посветиме.
(В.А.)