Двајца од тројца Американци сакаат да ги видат даночните пријави на американскиот претседател Доналд Трамп, а околу половина веруваат дека тој не ги објавува од причини кои можат да му наштетат политички, покажуваат резултатите од спроведената анкета на Ројтерс / Ипсос.
Истражувањето, кое е спроведено на 13 и 14 јули, открива дека голем број Американци се загрижени за финансиите на Трамп и потенцијалниот конфликт на интереси поврзани со неговиот семеен бизнис.
Анкетата следува по минатонеделната одлука на Врховниот суд за даночните пријави на Трамп, кои ќе бидат објавени од страна на обвинителството во Њујорк најверојатно по претседателските избори на 3 ноември.
Трамп одби да ги покаже даноците кои ги плаќал со години, кршејќи ја долгата традиција на финансиска транспарентност од страна на американските лидери.
Истражувањето покажа дека 66 проценти од анкетираните граѓани се согласиле дека Трамп треба да ги објави своите даночни пријави од претходните години, а 68 проценти сметаат дека Американците имаат право да ги видат финансиските документи на кој било кандидат за претседател на САД пред изборите.
На прашањето зошто американскиот претседател не ги објавува своите даноци, околу половина од испитаниците велат дека од причини што ќе ги намалат неговите шанси за реизбор.
Дваесет и шест проценти од Американците веруваат дека финансиите на Трамп содржат „инкриминирачки докази против него”, 10 отсто веруваат дека тој се обидува да скрие големи финансиски загуби, а 16 проценти веруваат дека тој не сака да ги открие бидејќи не плаќал данок.