Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 20% од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20% од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.
Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање. Од МОСТ наведуваат дека гласањето се одвива безбедно, согласно здраствените протоколи.
Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 55 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.
Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации, како и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување на изборите.
Во текот на денот, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2020“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за овие избори.