Претседателот Стево Пендаровски, денеска, на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, гласаше на избирачкото место 2489.
По гласањето, претседателот Пендаровски изјави:
„Според достапните информации од првата половина од изборниот ден, гледам дека сè се одвива во рамките на законските прописи и во една демократска и мирна, толерантна атмосфера.
Она што е значајно и е специфика за овие избори, а според мене, би требало да остане до крајот на изборниот ден така, досега изборите се одвиваат со максимално почитување на здравствените протоколи бидејќи исклучително е битно секој што сака да го реализира своето гласачко право денеска, секој граѓанин, да биде максимално заштитен. Се разбира, зборувам и за луѓето, околу 30-35 илјади кои се ангажирани како членови на гласачките одбори.
Денеска мора да биде транспарентно, фер, демократско гласање и притоа сите што се учесници во изборниот процес мора да бидат заштитени бидејќи знаете ние сме една од првите 5-6 држави во светот која организира избори во време на корона.Јас се надевам така ќе остане како што е досега и во текот на изборниот ден се до прогласувањето на резултатите и сосема небитно од тоа кој ќе биде формален победник вечерва, очекувам како што и доликува на една европска демократска држава, сите учесници на изборниот процес вечер да си подадат рака и да си честитаат еден на друг. Благодарам.”