Мониторингот на ЦИВИЛ утринава бележи мирен почеток, со навистина висок одѕив во голем број избирачки места и ситни не преголем број нерегуларности. Ова го соопшти на прес-конференција претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала.
– Набљудувачите на ЦИВИЛ го набљудуваа отворањето на повеќе од 200 избирачки места низ целата земја. Сите избирачки места на кои се нашле нашите набљудувачи се отворени на време. Самите избирачки места се уредни и прописно подготвени за денешниот изборен ден, информира Дерала.
Од нерегуларностите, Дерала наведе дека во Избирачкото место 836 во Кочани, има групирање на луѓе, а се бележи и обид за семејно гласање, кој бил спречен од Избирачкиот одбор. Во Избирачкото место 2042 во Брвеница, се бележи случај на неовластено присуство во избирачкото место. Едно лице, како што рече, е присутно таму под изговор дека е партиски набљудувач на одредена партија, но без потребното овластување. Се создала тензија, а двајца членови на Избирачкиот одбор (ИО) му пружаат поддршка и му дозволуваат да остане во избирачкото место, без оглед на тоа што не поседува потребни овластувања.
Што се однесува до мерките за заштита од коронавирусот, се бележи дека во Избирачкото место 2873 во Општина Чаир членовите на Избирачкиот одбор не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
Дерала апелираше до гласачите, изборната администрација, медиумските екипи, полицијата и набљудувачите строго да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот. Заштитата, како што рече, е едноставна, се носи маска, се држи дистанца и рацете се дезинфицираат при влез и при излез од избирачките места.