Пропусти при пристапноста на гласачките места и гласањето за лицата со попреченост, како и непочитување на протоколите за заштита од КОВИД-19, забележале набљудувачите на Здружението „Инклузива”.
Според набљудувањето до 15:30 часот, главен проблем останува пристапноста на гласачките места и користењето на алатките за гласање на лица со попреченост. Набљудувачите известуваат дека 20 од посетените избирачки места не се воопшто физички пристапни (нема рампи или лифтови, има скали или бариери). Параваните за гласање на лица со попреченост не се поставени на соодветно место на 22 избирачки места, односно се ставени покрај ѕид, блокирани или воопшто не се поставени.
-Шаблони со Брајово писмо и граничници за гласањето на лица кои се слепи и со слаб вид не се користени на 31 место. На едно место е забележано како придружникот гласа за лице кое е слепо без присуство на самото лице зад параванот. На 10 гласачки места не се поставени сликовити прикази за процесот на гласање. Четири набљудувачи се соочија со проблем при вршење на набљудувањето и комуникацијата со избирачките одбори, а на едно гласачко место набљудувач – лице со попреченост е навредено од страна на Избирачки одбор, стои во извештајот од Инклузива.
Забележани се, се додава во извештајот, и нерегуларности во поглед на непочитување на мерките за заштита од КОВИД-19, односно: неносење или неправилно користење на заштитни маски и ракавици од страна на избирачки одбори на 15 гласачки места, неодржување на физичко растојание на 21 гласачко место, непроветрување на просторот и повеќе лица од дозволениот број на 3 гласачки места.
Здружението „Инклузива” ги набљудува парламентарните избори со 70 набљудувачи кои се лица со попреченост на 210 избирачки места. Ова, како што велат од здружението, е досега набројната набљудувачка мисија на лица со попреченост во земјата. Преку својот мониторинг набљудувачите следат дали се остварува правото на глас и ја покреваат свеста за еднаквиот пристап кон гласањето кој сѐ уште не е можен за секој граѓанин.
-Овој мониторинг покажува и дали мерките кои се преземаат за гласање на лица со попреченост (шаблони со Брајово писмо, граничници, монтажни рампи, паравани) не се користат. Кога избирачките одбори не ги почитуваат овие мерки, залудно се потрошени ресурсите на нив а граѓаните со попреченост не го добиваат своето право на глас, порачуваат од Инклузива.