Одново да се воведе задолжителното носење маска во затворен простор, предложила Комисијата за заразни болести од Министерството за здравство на Грција, по зголемениот број позитивни случаи во земјата и појавите на опуштеност кај граѓаните, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката телевизија „ЕРТ”, епидемиолозите предложиле обврската за носење маска да се однесува на продавници, супермаркети и сл.
Препораката на епидемиолозите е до Владата која ги носи конечните одлуки, а минатата седмица беше укината мерката за носење маска во моловите и трговските центри.
Професорот микробиолог и член на експертската комисија Алкивиадис Ватопулос за онлајн изданието на весникот „Етнос” вели дека „иако основната мерка е држењето растојание, сепак маската е основна алатка за заштита”.
-Затоа, ставот на комисијата, кој што е непроменет, е дека маската треба да се користи во затворени простори, но и во отворени доколку има гужва или предвидено е да има гужва, вели Ватопулос.
Професорот по здравствена политика на Факултетот за економија и политички науки од Лондон Илиас Мосиалос, кој воедно е и претставник на Грција за Ковид-19 на меѓународната сцена, преку неговиот официјален „Фејсбук” профил се осврна на важноста на употребата на маска, коментирајќи дека користењето „не нè прави хипохондрици”, а како пример сподели истражување на американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC), според кое во фризерски салон, двајца стилисти од заразени со Ковид-19 поминале најмалку 15 минути со секој од 139-те клиенти, а бидејќи сите носеле маски, никој не се заразил. -Да внимаваме и да носиме маска во сите простори во кои имаме контакт со луѓе за кои не знаеме дали се заболени со Ковид-19. Маската не значи дека преувеличуваме, ниту нè прави хипохондрици. Маската нè штити нас и тие околу нас, напиша Мосиалос. Во Грција, маската е задолжителна во јавниот превоз, авиони, бродови, траекти, возови, додека пак за затворените простори постои само препорака за носење