Интензивирање на контролите и спроведување на веќе постоечките мерки за справување со коронавирусот, ќе бидат тема на состанокот што попладнево ќе го одржи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со надлежните министри, заменици-министри, генерални секретари, како и началниците на полицијата и крајбрежната служба.
Состанокот е во период кога и епидемиолозите и властите предупредуваат дека не смее да има опуштеност во однос на почитувањето на правилата и мерките за заштита, во период кога се вршат инспекции, но и во период кога во земјата е зголемен бројот на нови случаи на Ковид-19, но не само кај туристи, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиум, она што предизвикува загриженост се регистрираните случаи, кои што не се поврзани со веќе познати кластери, а пример е првиот случај на Ковид-19 на островот Парос, три случаи на Лезбос, два случаи во детски камп на Халкидики и сл.
На Лезбос вирусот „го донеле” двајца монаси кои пристигнале од Северна Грција, а Здравствениот центар на островот до понеделник е затворен за да се изврши дезинфекција.
Затворен, на четири дена, од истата причина ќе биде и детскиот камп на Халкидики, каде што две девојчиња се позитивни на Ковид-19, додека пак според грчките медиуми, сите деца, околу 600 ќе бидат тестирани.
Во исто време инспекторите продолжуваат со контролите за почитување на мерките, а како што соопштуваат од Министерството за развој и инвестиции, во периодот 14-15 јули биле спроведени контроли во 69 општини и проверени 569 објекти (плажи, угостителски објекти, продавници, молови и сл.
Во 39 објекти бил регистриран 51 прекршок и биле изречени казни во висина од 13.350 евра.
Прекршоците се однесуваат на неупотреба на маска од персоналот и поголем број посетители о д предвиденото согласно површината на објектот.