Рано утрово, в зори околу 4.20 часот силна бучава од автомобилски мотор, чкрипење на гуми и тресок од силен ударот ги разбуди граѓаните во скопска Кисела Вода кај „свиокот на смртта“.
За среќа овојпат од овие непријатни звуци нема жртви, но е направена голема материјална штета, а возачот и сопатниците од автомобилот „поло“ поминаа со полесни повреди.
Млади момчиња враќајќи се од центарот на градот во правецот кон последната постојка на автобуската линија 24, на свиокот од улицата „Христо Татарчев“ ја изгубиле контролата над автомобилот и најпрво ја закачиле металната бандера на која се поставени безбедносните камери, потоа закачиле во бетнски столб од портата на оградата од семејната куќа покрај улицата за да продолжат по тротоарот и на крајот да завршат во паркирано „пунто“ кое беше изместено од својата местоположба.
„Полото“ е речиси целосно уништено во предниот дел, а искршено е и „пунтото“. Вистинска среќа е што оваа собраќајна незгода се случи во ниедно време и немаше други учесници во сообраќајот, како и пешаци по тротоарот, кои можеле да бидат колатерална штета, што немаше да е првпат на овој дел од улицата кај „свиокот на смртта“. Веднаш напомош по сообраќајката излегоа разбудените и вознемирена граѓани од околните куќи, а пристигнаа полициските службеници и брзата помош.