Минатата сабота, во Хрватска беше забележан рекорден број нови случаи на коронавирус (140), а во исто време се одржаа неколку настани во текот на викендот, на кои се собраа голем број луѓе.
Неколку илјади навивачи беа на Максимир на фудбалското дерби помеѓу Динамо и Хајдук, од кои само неколкумина носеле маски, додека Северина одржа концерт во Сплит на кој се собраа повеќе од илјада луѓе. Хрватска, која многу брзо донесе строги мерки и воведе целосен карантин, подеднакво брзо ги напушти сите забрани и стана многу либерална по однос на заштитата од вирусот.
Поради само една венчавка во Задар, на која се собраа повеќе од 300 луѓе, заразени се 23 лица, меѓу кои и вработени во општата болница во градот, како и вработени во службата за итна помош, а се дозна дека е заразена и државната секретарка од Министерството за наука и образование, поради што целото Министерство, заедно со министерката Блаженка Дивјак, се упатени на тестирање и самоизолација.
Бранко Колариќ, специјалист епидемиолог од Институтот за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“, во разговор за „Индекс“ вели дека Хрватска треба да ги заостри мерките и да ги ограничи собирите односно дека луѓето сами треба да се воздржат од организирање на прослави.
„Треба да се ограничи собирањето на повеќе од 100 луѓе. Овие концерти, спортски настани и свадби, на кои се собираат голем број на луѓе, секако не се добри за епидемиолошката состојба. Би сакал да апелирам луѓето да се воздржат од толку големи собири и прослави“, изјави епидемиологот.
„До пред 2 седмици се однесувавме како никогаш да не имало епидемија и тоа не беше добро. Од тогаш бројот на новозаразени лица започна нагло да се зголемува, а некои луѓе изразуваат гнев поради воведувањето на нови мерки. Мерките служат за намалување на инфекциите и спречување на потребата од построг режим. Ќе мораме да се навикнеме да живееме заедно со оваа болест, што е заедничка одговорност на сите граѓани. Можам да кажам дека повеќето европски земји се изненадени од Хрватска и од фактот дека овде се живее како пандемијата да поминала. Сведоци сме на ширење на инфекцијата со локален пренос, а тоа е тешко да се стави под контрола за неколку дена“, објаснува доктор Колариќ.
Тој наведува дека општеството нема друг избор освен граѓаните строго да се придржуваат кон мерките со цел да се спречи ширење на вирусот.
Според информациите на здравствените власти, во Хрватска денеска се регистрирани 92 нови случаи на инфекција со коронавирус.