Бран протест денеска го зафати Иран при што луѓето масовно на Интернет го искажуваат своето спротивставување на смртната казна за тројца млади Иранци поради учество во демонстрации минатата година.
Повеќе од два милиони луѓе изразија несогласување користејќи го хаштагот „не за егзекуција” во текот на изминатите 24 часа, јавија локалните медиуми.
Протестите доаѓаат откако портпаролот на Министерството за правда, Голам-Хусеин Исмаили, рече дека Врховниот суд вчера ја потврдил смртната казна за тројца демонстранти.
Тој не рече кога ќе биде извршена казната.
Иран со денови се соочуваше со немири по зголемувањето на цената на бензинот во ноември 2019 година. Протестите беа насилно задушени од безбедносните сили.
Во тоа време беа уапсени над илјада демонстранти.