На две кола до крајот на Шпанското фудбалско првенство, раководството на Реал Мадрид, побара од навивачите да не ја слават шампионската титула организирано во големи групи на традиционален начин на плоштадот „Сибелес” во Мадрид.
– Знаеме за тешката состојба со која се соочија сите и за напорите што се прават за борба против пандемијата на коронавирус. Фудбалот придонесува за тоа, а ние успеавме да ја продолжиме сезоната во исклучително тешки околности. Ако титулата ја освои Реал Мадрид, нашите фудбалери нема да одржат традиционални прослави и нема да одат на плоштадот. Затоа ги замолуваме нашите навивачи да не одат таму доколку го освоиме трофејот. Треба да покажеме одговорност и да ги избегнеме ризиците од заболувања, стои во апелот на Реал.
Иако трофејот сè уште не е официјално обезбеден, на Реал кој во моментов има четири бода предност пред Барселона, му треба само една победа до крајот. А тоа може да се случи веќе утре на средбата со Виљареал.