Црна Гора со најмногу активни случаи на Ковид-19 по глава на жител во регионот

Откако црногорскиот Институт за јавно здравје во системот ги внесе резултатите од 2.000 тестови кои претходно поради малиот капацитет во Црна Гора беа испратени на анализа во Германија, Црна Гора стана земја со најмногу активни случаи по глава на жител во регионот, пишуваат црногорските медиуми.

Резултатите покажале дека 475 од тестовите се позитивни. Кога на нив ќе им се додадат 66 позитивни случаи потврдени во последните 24 часа во црногорските лаборатории се добива број од 1.453 активни случаи или 231 активен случај на 100.000 жители.

Црногорските медиуми пренесуваат дека во Македонија активни се 167 случаи на 100.000 жители, во БиХ 109, Албанија 52, во Хрватска 28 и во Словенија 13. Во Србија активни се 66 случаи на 100.000 жители, но во оваа земја се пресметува бројот на хоспитализирани пациенти заболени од коронавирус.

Челникот на националното координативно тело за заразни болести, Милутин Симовиќ, рекол дека, сепак, нема да дојде до драстични мерки, како оние од првиот бран, кога имаше полициски час.

Во првиот бран, во Црна Гора имаше 324 заболени или скоро пет пати помалку од вториот бран кој почна кон средината на јуни. Претходно, Црна Гора се прогласи за прва „корона фри“ држава во Европа и прогласи крај на епидемијата по што ги отвори границите.

Во првиот бран починале девет, а во вториот бран 16 заболени од коронавирус.

Треба да знаете
Последни објави