Алиев го разреши министерот за надворешни на Азербејџан поради конфликтот со Ерменија

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев го разреши од функција министерот за надворешни работи, откако го обвини за „бесмислени преговори” со соседна Ерменија, во услови на обновен конфликт меѓу двете држави од јужен Кавказ.

Шеснаесет луѓе (11 војници од азербејџанската армија, еден цивил и четворица ерменски војници) загинаа во погранични судири меѓу двете држави, кои водеа војна за Нагорно-Карабах во 90-те години.

Алиев рече дека министерот за надворешни работи Елмар Мамадијаров не сторил доволно за решавање на конфликтот.

– Што работи министерот за надворешни работи? Каде е тој? Сите работиме по настаните од 12 јули … и не можам да го најдам, се пожали Алиев на седницата на Владата за да разговара за судирите во неделата.

– За жал, нашата дипломатија не прави доволно за успешен развој на нашата држава во последно време. Во некои случаи, таа се занимава со безначајни работи, со бесмислени преговори, продолжи тој.

Мамадијаров (60) е министер за надворешни работи од април 2004 година.

Според претседателската уредба, поранешниот министер за образование, Чејхун Бајрамов, ќе го замени Мамадијаров. Претходно денеска беше соопштено за нови престрелки меѓу Азербејџан и Ерменија.

Треба да знаете
Последни објави