Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прва прес-конференција по вчерашните предвремени избори истакна дека опозициската партија го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада. ВМРО-ДПМНЕ, според него, има повеќе гласови од СДСМ, без Беса, со која е во коалиција. Разликата во гласови, според Мицкоски, е десетина илјади.
-Важно е што во Македонија расположението е опозициско, а резултатите покажуваат дека опозицијата освои повеќе гласови од власта, а ВМРО-ДПМНЕ без Беса во редовите на СДСМ освои повеќе пратенички мандати. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За обнова на Македонија победија во 41 општина, потенцираше Мицкоски.
Посочи на Скопје, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Сопиште, Петровец, Илинден, Македонски Брод, Велес, Кратово, Свети Николе, Штип, Неготино, Прилеп, Струга и други места.
-Овој резултат е постигнат во едни тешки околностил, силни притисоци и бројни нерегуларности. Власта спроведе масовен поткуп. Денес сајтот на ДИК не работи, а добиваме различни информации дека сомнително се броени и внесувани податоците, рече Мицкоски, додавајќи дека со ова се бореле во текот на целата кампања.
Сето ова, како што кажа, му дава за право дека ВМРО-ДПМНЕ, го има најго,емиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада, која треба да се соочи о сериозни предизвици.
-Јас сум оптимист затоа што настапуваме чесно и принципиелно. Алтернативата на сето ова е Заев и продолжување на агонијата, рече Мицкоски.
https://www.facebook.com/MickoskiHristijan/videos/3114323935318639/?t=2
Интегрален текст од прес конференцијата на Мицкоски во продолжение
Народот се определи за промени и за тоа дека живееме во реалност која е тешка и мачна за граѓаните.
Има еден непобитен факт, таа мачна и тешка реалност донесе апатија и разочараност на граѓаните од политиката.
Важно е што во Македонија расположението е опозициско, а резултатите покажуваат дека опозицијата освои повеќе гласови од власта. А, ВМРО-ДПМНЕ без Беса во редовите на СДСМ освои повеќе пратенички мандати.
ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ победија во 41 општина. ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата победи во Скопје, победи во Ѓорче Петров, во Бутел, Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Сопиште, Петровец, Илинден, победивме во Македонски Брод, во Велес, Карбинци, Виница, Кратово, Зелениково, Македонска Каменица, Зрновце, Пробиштип, Пехчево. Победивме во Свети Николе, Штип, Чешиново – Облешево. Победивме во Босилово, Гевгелија, Градско, Демир Капија, Василево, Росоман, Кавадарци, Кривогаштани, Могила, Неготино. Победивме во Прилеп, во Вевчани, Дебарца, Охрид, Струга, Демир Хисар, Кичево, Брвеница и Јегуновце.
Почитувани претставници на медиуми,
Почитувани граѓани,
Овој резултат е постигнат во едни тешки околности, силни притисоци, и бројни нерегуларности. Власта спроведе масовен, масовен поткуп. Денес сајтот на Државната изборна комисија не работи. А, добиваме различни информации дека сомнително се броени и изнесувани податоците.
И со ова се боревме и во текот на целата кампања. А, не сакаме ова да стане главна тема во кампањата затоа што понудата и обновата е она што им треба на граѓаните. Сето ова ми дава за право дека ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада. Кога треба да се соочиш со сериозни предизвици, јас сум оптимист затоа што настапуваме чесно и принципиелно. Алтернативата на сето ова е Заев и продолжување на агонијата. Ова е тешка битка и заедно со вас, со граѓаните, ќе победиме.
Ова е земја на народот и ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила.