Кампања за помош на медицинските сестри кои се борат против пандемијата

Почитувани медиуми, Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС” ве известува дека започна кампања за помош на медицинските сестри кои се вклучени во борбата против пандемијата предизвикана од корона вирусот. Целта е со финансиски средства, лекарства, течности и суплементи да им се помогне на оние медицински сестри кои во моментов се соочуваат со борба за своето здравје и здравјето на пациентите.

За почеток извршниот одбор на здружението одлучи месечната членарина за овој месец да ја донира за оваа кампања. Со овој мал симболичен допринос, од нас за нас, ќе успееме да помогнеме во одредени сегменти и да обезбедиме барем дел од неопходните суплементи за медицинските сестри.

Кампањата започна во текот на минатата недела и голем дел од општествено одговорните компании веднаш се приклучија. Според  изјавите на дел од медицинските сестри кои работат во ковид центрите неопходно им беше да имаат можност за редовна хидратација. Поради дополнителната заштитна униформа и протоколи за работа во овие топли денови и те како им се потребни течности. Токму затоа уште еднаш изразуваме голема благодарност до компаниите кои донираат вода и производи од нивниот асортиман. Се надеваме дека овој пример на големи хумани срца ќе го продолжат и останатите компании во нашата земја со што ќе помогнат за полесно пребродување на кризната состојба во која се наоѓа најголем дел од сестринската професија.

Од вчерашниот ден во функција е и бројот за донации на T-Mobile 143 141 преку кој сите граѓани кои се во можност може да донираат по 100 денари од повик.

Исто така отворена е и специјализирана жиро-сметка за донации (210-0720099401-26, НЛБ Банка) на која сите добронамерници може да донираат средства за помош на медицинските сестри кои се борат против пандемијата предизвикана од корона вирусот.

Нека оваа кампања биде почеток на крајот на пандемијата, а сите ние ГЛАСОТ НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ.

Треба да знаете
Последни објави