Камила, војвотката од Корнвол и сопруга на принцот Чарлс, го прославува својот 73. роденден со приватна забава без планирани јавни настани.
Кларенс Хаус, официјална резиденција на двојката во Лондон, објави фотографија од Камила снимена во градината.
Канцелариите на мајката на Чарлс, кралицата Елизабета Втора, и неговиот син со неговата сопруга, принцот Вилијам и војвотката од Кембриџ, и го честитаа роденденот на Камила на „Твитер“.
Бакингамската палата објави заедничка фотографија на насмеаната кралица и Камила со цвеќиња во рацете.
🎂🎈Wishing The Duchess of Cornwall a very happy birthday! Her Royal Highness turns 73 today. pic.twitter.com/m4Yi18m0cn
— The Royal Family (@RoyalFamily) July 17, 2020
Камила и Чарлс (71) го продолжија јавниот ангажман овој месец, откако поминаа неколку недели во самоизолација во Шкотска затоа што Чарлс се зарази со коронавирусот.
Двојката се венча во 2005 година, по неколку години контроверзии во врска со нивната врска. Камила оттогаш е прифатена како член на кралското семејство.
Чарлс, наследник на британската круна, се ожени со Дајана Спенсер во 1981 година. Додека беа во брак постојано се зборуваше дека тој сè уште бил во врска со неговата поранешна девојка, тогаш мажената Камила Паркер-Боулс. Камила стана најомразената жена во Британија, а подоцна и во светот, поради големата наклонетост на британската јавност кон принцезата Дајана.
Поради овој факт, таа не ја користи титулата принцеза од Велс, која легално и припаѓа. Не е познато што ќе се случи со титулата на Камила кога Чарлс ќе стане крал, но познавачите на кралското семејство веруваат дека таа веројатно нема да стане кралица, иако Чарлс може да и ја даде таа титула.