Регионалните власти на Каталонија ги повикаа граѓаните на Барселона да останат во своите домови и да не се собираат во групи од повеќе од десет лица за да се борат против наглиот скок на нови инфекции со коронавирус.
Пред неколку дена, Каталонците се обидоа да воведат нов локдаун во градот Леида, но шпанскиот суд наскоро го суспендираше бидејќи одлуката за затворање е противзаконска.
Истото се обидоа и во Барселона, но тоа не успеа, па немаа друг избор освен јавно да ги повикаат луѓето да бидат внимателни поради новиот број новозаразени.
Барселона е еден од најголемите туристички центри во Шпанија, а на нејзините граѓани им е наложено од регионалните власти на Каталонија да купуваат преку интернет и да излегуваат само доколку навистина имаат потреба.
Бројот на луѓе ќе биде ограничен и на културни и спортски настани.
Главниот град на Каталонија е дом на 1,6 милиони луѓе и е еден од најпосетуваните градови во Европа. Но, во последните неколку недели бележи нагли скокови во бројот на нови инфекции со коронавирус. Вчера се забележани 580 нови случаи на инфекција со коронавирус, што е најголем број од 10 мај.