Тимот на Рејсинг Поинт е во напредна фаза на преговори со четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел. Идејата на сопственикот Лоренс Строл е да привлече искусен пилот за да стане лидер и да го предводи Астон Мартин, како што ќе биде новото име на тимот следната година.
Според информациите во германските медиуми, Фетел ќе го замени мексиканецот Серхио Перез, чиј договор вклучува клаузула за ослободување, која може да се активира до 31 јули. Другиот пилот е Ленс Строл, кој исто така е син на канадскиот милијардер и сопственик на мнозински удел во тимот – Лоренс Строл.
Триесет и три-годишниот Фетел е без тим по завршувањето на оваа сезона, откако пред почетокот на сезоната беше објавено дека ќе го напушти тимот на Ферари на крајот на првенството. Рејсинг Поинт е последната опција за Германецот доколку сака да ја продолжи кариерата, бидејќи ниту светските шампиони од Мерцедес, ниту неговиот поранешен тим Ред Бул, како и Мекларен и Рено, немаат слободни работни места.