До архивата на Државната изборна комисија (ДИК) до попладнево има доставено само два приговори и едно барање за увид во неважечките ливчиња од гласањето за предвремените парлаемнтарни избори во средата.
До Комисијата два приговори поднела партијата Демократи кои се однесуваат за неважечките гласачки ливчиња. Пред ДИК да ги објави неофицијалните конечни резултати, партијата на Јанко Бачев Единствена Македонија доставила барање за увид во неважечки ливчиња.
Бројот на неважечки ливчиња од тридневното гласање на парламентарните избори изнесува 31.466.
До 21 часот вечер е рокот кога може да се поднесе приговор за постапката за гласање додека до сабота навечер околу 19 часот и 30 минути истекува рокот за сумирање и утврдување на резултатите од предвремените парламентарни избори.
ДИК со задоцнување вчера ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите поради, како што изјави претседателот, хакерски напад на веб-страната на Комисијата.
Предвремените парламентарни избори се одржаа под посебни услови поради пандемијата со КОВИД -19. Се гласаше во понеделникот кога се изјаснуваа лицата со КОВИД -19 и во самоизолација, во вторникот кога гласаа болните, изнемоштените и хронично болните и затворениците и во средата кога беше изборниот ден.
Победи коалицијата „Можеме” предводена од лидерот Зоран Заев кој освои 46 мандати на изборите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 44, ДУИ освои 15 мандати, Алијансата на Албанците и Алтернатива 10, Левица 2 и ДПА 1 мандат.
Дел од партиите учесници на изборите се пожалија на нерегуларности и грешки во сумирањето на резултатите и најавија дека ќе поднесат приговори до ДИК и другите надлежни институции.