Од Секторот за меѓународни и европски прашања во грчката опозициска партија СИРИЗА коментираат дека победата на СДСМ е „уште една оптимистичка порака за иднината на регионот”, јави дописничката на МИА од Атина.
-Победата на Социјалдемократската партија на Зоран Заев на парламентарните избори во Северна Македонија е уште една оптимистичка порака за иднината на поширокиот регион, по онаа од историскиот Договор од Преспа. Претставува победа на напредокот, мирот, соработката и помирувањето, не само во Северна Македонија, туку и на Балканот во целина, соопштуваат од СИРИЗА.
Претходно вчера, поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас му честиташе на Зоран Заев преку „Твитер”.
-Честитки Зоран Заев. Благодарение на твоите напори, пораката на храбрите прогресивни сили што се борат против национализмот, за општествена правда и мир во нашиот регион, денес стана посилна. Порака не само за Балканот, туку за цела Европа, напиша поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас на „Твитер”.