Пилотот на Ферари, Себастијан Фетел е задоволен од петтото место во квалификациите за ГН на Унгарија. По првите две трки на кои Ферари не се прослави, во Будимпешта се навестува подобро издание на италијанскиот тим.
– Сега работите одат многу подобро отколку пред една недела. За прв пат се најдовме два автомобили во третиот сегмент на стартот од трката. Јасно дека во Австрија не бевме доволно подготвени. Изгубивме многу време на права линија. Тука има повеќе вртења во кои можеме да се „носиме” со останатите. Болидот е подобро избалансиран, и мислам дека сме поблиску до Рејсинг Поинт, Ред Бул, па дури и Мекларен, што е плус, изјави Фетел.
Германецот очекува интересна трка на „Хунгароринг”.
– Времето може да влијае и ние треба да бидеме подготвени на секакви услови. Се враќаме во форма и треба да си ја завршиме својата работа, додаде Фетел.
Трката од шампионатот во Формула 1 за Големата награда на Унгарија ќе се вози утре со почеток во 15:10 часот.