На Земјата во 2100 година ќе има 8,8 милијарди луѓе, две милијарди помалку од проценките на Обединети нации, според студија објавена во средата, што предвидува нов глобален биланс на моќ, како резултат на опаѓање на стапката на плодност и стареење на популацијата.
До крајот на 21 век, во 183 од 195 земји, под услов да нема прилив на мигранти, ќе има пад на бројот на население под прагот потребен да се одржува неговиот број, објави меѓународниот тим на научници во списанието Лансет. Во повеќе од 20 земји, меѓу кои се и Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Португалија, Полска, Тајланд и Шпанија, бројката ќе се преполови.
И во Кина бројот на населението ќе се намали од 1,4 милијарда денеска на 730 милиони за 80 години.
Во Супсахарска Африка населението ќе се зголеми тројно, на околу три милијарди луѓе, а населението во Нигерија ќе има раст од 800 милиони жители до 2100 година и ќе биде на второ место, по Индија со 1,1 милијарда жители.
– Предвидувањата сугерираат добри вести за животната средина, со помал притисок врз производството на храна и помалку емисии на јаглерод, како и значителни економски можности за делови од Супсахарска Африка, истакна Кристофер Мареј, одговорен за истражувањето и директор на Институтот за здравствена проценка и мерење на Универзитетот во Вашингтон.
„Голем број земји надвор од Африка ќе имаат сè помалку работна сила и превртена пирамида на население, што има длабоко негативни последици за еконимијата.”
За високоразвиените земји во таа категорија решение за одржување на нивото на население и економски раст ќе биде флексибилна имиграциска политика и социјална поддршка за семејства кои сакаат да имаат деца, се заклучува во студијата.
„Соочени со опаѓање на популацијата, постои реална опасност некои земји да размислат за ограничување на пристапот до активности за репродуктивно здравје што би можеле да имаат потенцијално катастрофални последици”, предупредува Мареј.
„Најважно е што женските слободи и права се на врвот на развојната политика на секоја влада.”
Во светот 866 милиони лица ќе бидат постари од 80 години
Социјалните и здравствени служби ќе треба да се реформираат за да можат да се грижат за повозрасното население. Со опаѓање на стапката на плодност и зголемен животен век во светот, бројот на деца под пет години ќе падне за повеќе од 40 проценти, од 681 милиони во 2017 година на 401 милиони во 2100 година, се наведува во студијата.
На другиот крај на спектарот, 2.37 милијарди луѓе, повеќе од една четвртина од глобалното население, ќе бидат постари од 65 години. Оние постари од 80 години наместо денешните 140 милиони, ќе бидат дури 866 милиони.
Остриот пад на работоспособното население и односот на тој број кон неработното население ќе биде огромен предизвик за многу земји.
– Компаниите ќе се борат да напредуваат економично со помалку работници и со пониски даночни приходи, истакна професорот Штајн Емил Волсет од ИХМЕ.
Бројот на работоспособни луѓе во Кина ќе опадне од денешните 950 милиони на нешто повеќе од 350 милиони до крајот на векот, што претставува пад од 62 проценти.
Додека падот на тој број во Индија ќе биде помалку стрмен, од денешните 762 милиони на 578 милиони.
Во Нигерија, од друга страна, работоспособното население ќе порасне од денешните 86 милиони на повеќе од 450 милиони во 2100 година.
Нов свет и прераспределување на моќта
До 2050 година, БДП на Кина ќе го надмине оној на САД, но до 2100 година ќе падне на второ место, предвидуваат научниците. БДП на Индија ќе се искачи на третото место, а Јапонија, Германија, Франција и Велика Британија ќе останат меѓу десетте најголеми економии во светот.
Се предвидува Бразил да падне од осмото на 13-то место, а Русија од десето место на 14-то место.
Историските сили, како Италија и Шпанија, ќе паднат од групата на 15 најсилни на 25-то односно 28-то место.
Индонезија ќе стане 12-та најголема светска економија, а Нигерија, во моментов од 28-мо место, ќе стане десетта по големина во светот.
– До крајот на векот светот ќе биде мултиполарен со Индија, Кина, Нигерија и САД како доминантни сили, истакна Ричард Хортон, опишувајќи ја студијата како преглед на „радикалните промени во геополитичката моќ”.
ОН досега предвидуваа 8,5 милијарди жители во 2030 година, 9,7 милијарди во 2050 година и 10,9 милијарди во 2100 година, имајќи монопол во предвидување на растот на населението.
Разликата меѓу проценките на ОН и ИХМЕ се темели на разликите во стапките на плодност. За да се одржи популацијата, неопходно е секоја жена да роди 2,1 дете.
– ОН предвидуваат дека земјите со ниска плодност ќе забележат зголемување на стапката во просек од 1,8 дете по жена, вели Мареј.
„Нашата анализа сугерира дека жените со подобрено образование и поголем пристап до здравствените услуги ќе изберат да имаат просечно помалку од 1,5 деца”, додава Мареј.
„Континуираниот раст на светската популација во овој век веќе не е најверојатниот тренд на светската популација.”