Во две различни периферии во Грција, потврдени се два случаи на вирусот Западен Нил, што воедно се и први годинава. Од Националната организација за јавно здравје на Грција соопштуваат дека случаите, со оглед на тоа дека речиси секоја година во текот на летото и есенските месеци „се појавуваат случаи во разни области (и) во Грција”, се очекувани во актуелниот период.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, вирусот во Грција е присутен од 2010 година, а заклучно со лани, во периодот 2010-2019 година биле регистрирани вкупно 1.216 случаи и починале 170 лица.
Во 2015 и 2016 година не бил регистриран ниту еден случај, а најмногу заразени и смртни случаи имало во 2018 година – 317 случаи и 51 починат.
Минатата година биле регистрирани 227 случаи, а починале 35 лица.