Според последните податоци, во светот до сега има вкупно 14.744.643 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 610.778, а оздравеле 8.792.897 луѓе.
Загреб – Во Хрватска во последните 48 часа се потврдени 25 новозаразени со коронавирусот, а две лица починале, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита. Од 25 февруари, кога беше регистриран првиот случај во Хрватска, до денеска има вкупно 4.370 заразени, а починале 122 лица.
Тирана – Епидемиолошката ситуација со Ковид-19 во Албанија продолжува да биде сериозна, оцени денеска Министерството за здравство и социјална заштита, наведувајќи дека просечно дневно во изминатата недела имало по 90 новозаразени. Загрижувачки тренд на раст бележи и бројот на оние на кои им е неопходно болничко лекување, па моментно се хоспитализирани 123 пациенти, што е трипати повисок број споредно со првата фаза од болеста, на која активни се 1.706 лица. Според Министерството во последното деноноќие во Албанија направени се 267 тестови, при што позитивен резултат е добиен кај 81 лице или вкупно до сега заразени се 4.171. Во исто време во списокот на закрепнати се вброиле четириесетина или вкупно 2.352, а починало едно лице односно вкупно 113.
Приштина – Во Косово вчера се регистрирани 142 новозаболени од Ковид-19, со што вкупната бројка на заразени од појавата на епидемијата достигна до 5.877. Од нив починале 139 заразени, од кои четворица вчера. Во минатите 24 часа се евидентирани и 101 излекуван, а вкупната бројка на лица кои претходно биле дијагностицирани со Ковид-19 и ја совладале болеста достигна до 3.069. Активни носители на вирусот во земјата се 2.669 лица. Вчера се извршени 485, а од почетокот на пандемијата вкупно 31.540 тестирања.
Подгорица – Во Црна Гора во последните 24 часа се потврдени 95 новозаразени со коронавирусот и два смртни случаи. Новозаразените се идентификувани меѓу 614 анализирани примероци. Вкупниот број на активни случаи во Црна Гора сега е 1.861.
Багдад – Во Ирак денеска се потврдени 2.163 нови случаи на коронавирусот, соопшти Министерството за здравство на земјата. Вкупниот број на заразени се зголеми на 94.693, јави Си-Ен-Ен. Уште 88 луѓе починале, со што вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 3.869.
Никозија – Министерството за здравство на Кипар соопшти дека од 1.565 направени тестови во изминатите 24 часа, не е регистриран ниту еден нов случај на Ковид-19, со што бројот на позитивни остана ист, односно 1.038 лица.
Атина – Според податоците од Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите 24 часа едно лице почина од Ковид-19, а регистрирани се 11 нови случаи, од кои два по направените тестови на влезните точки во земјата. Од почетокот на епидемијата заразени се 4.012 лица, а починаа 195 лица.
Белград – Во изминатите 24 часа во Србија официјално уште 10 лица починаа од последиците од коронавирусот, така што вкупниот број се зголеми на 482, изјави министерот за здравство Златибор Лончар на прес-конференција. Како што јави дописникот на МИА од Белград, во последните 24 часа на коронавирус се тестирани 8.349 лица, а регистрирани се 359 нови случаи. На респиратор се наоѓаат 190 луѓе. Лончар изјави дека 550 здравствени работници се позитивни, а 50 од нив се наоѓаат на болничко лечење. Бројот на излекувани изнесува 14.114, кажа министерот Лончар. Од почетокот на епидемијата, во Србија се потврдени 21.253 случаи на инфекција. Стапката на морталитет е 2,27 отсто. Бројот на хоспитализирани е 4.762, а бројот на активни случаи е 6.623. Во Србија тестирани се вкупно 558.440 лица кои ги исполнија критериумите за утврдување на случајот. Епидемиологот Предраг Кон изјави дека иако епидемиолошката состојба е „нестабилна, па дури и неповолна”, кривата на бројот на новозаразени лица во Србија се израмнува. Ново жариште на коронавирусот е Ужице, каде во моментов има 23 пациенти на респиратори.
Берн – Швајцарската здравствена служба (БАГ) денеска соопшти дека во последните 24 часа се регистрирани 43 нови случаи на коронавирус во Швајцарија и Лихтенштајн. Ова е двојно помалку од претходниот ден кога имало 99 ново заразени, а во саботата имало 110. Вкупно, 33.634 лица се тестирани позитивни од почетокот на епидемијата. Досега починале 1.688 лица. Од почетокот на епидемијата, извршени се 728.229 тестови, а 5,5 проценти беа позитивни на коронавирусот.
Вашингтон – Бројот на заразени со коронавирусот продолжува рапидно да расте низ цела САД, каде речиси 3,8 милиони луѓе се разболеле, а најмалку 140.000 починале. Неколку земји се наоѓаат во многу тешка ситуација, вклучително и Флорида, каде што нема место на интензивна нега во речиси 50 болници. Американскиот претседател Доналд Трамп, сепак, продолжува да тврди дека пандемијата ќе биде под контрола, додека здравствените експерти и гувернери од двете партии предупредуваат дека е потребен посилен одговор на национално ниво за решавање на растечката криза во земјата. Во Мајами Бич, Флорида, во саботата вечер во сила беше полициски час,. Во округот Хидалго, Тексас, пациентите чекаат и по 10 часа за преглед.
Пекинг – Во главниот град на кинескиот регион Синџијанг, дом на кинеската муслиманска етничка група Ујгур, прогласен е карантин, додека властите спроведуваат строги и сеопфатни мерки за да го запрат зголемувањето на бројот на новозаразени. Во градот Урумки вчера се регистрирани 17 локални инфекции, што значи дека се откриени 47 случаи од минатата среда, објави Си-Ен-Ен. Според здравствените власти на Синџијанг, не се пријавени случаи речиси пет месеци пред тоа. Споредено со минатата недела, во Урумки се регистрирани 50 асимптоматски случаи. Во Кина, асимптоматските случаи не се сметаат за потврдени случаи.
Њу Делхи – Индија во изминатите 24 часа регистрираше 40.425 нови случаи на „Ковид-19″, што е најголемото дневно зголемување на бројот на заразени од почетокот на епидемијата, соопшти индиското Министерство за здравство. Според индиската Влада, вкупниот број на потврдени случаи на коронавирус во Индија во земјата достигна 1.118.043, а Индија е на третото место во светот по бројот на заразени, по САД и Бразил. Уште 681 лица починале од коронавирус, со што вкупниот број на смртни случаи од почетокот на епидемијата достигна 27.497, јавува Си-Ен-Ен. Властите во Њу Делхи соопштија дека до сега се тестирани повеќе од 14 милиони луѓе низ целата земја.