Унијата на ЗМСТАС предводена од здружението на медицински сестри, техничари, акушерски и стоматолошки сестри „ЗА НАС” испраќа јавен апел до сите медицински сестри:
Поминуваме низ многу тежок период кој долго трае и ќе трае. Ние самите најдобро знаеме низ што поминуваме и како се чувствуваме со оваа состојба на работните места, а посебно во ковид центрите. Се ќе помине, и тешкото и маките, но ѕвездите ќе останат. Затоа ајде заеднички да ја подигнеме свеста и да се грижиме едни за други. Да се стремиме кон доброто, да се свртиме кон надежта и да се сплотиме во мир во ова тешко време.
Токму ова беше и пораката на Архиескопот Охридски и Македонски г.г Стефан кој топло и срдечно не удостои минатата недела, искажувајќи ја својата целосна поддршка за нашата професија. Изразуваме голема благодарност што медицинските сестри ќе бидат спомнувани во неговите молитви.
Во оваа наша хумана професија храброста и емотивноста се носечките столбови и токму тие ги раѓаат чувствата за единственост и сплотеност. Ајде сите заедно да испратиме порака за да се чуе гласот на медицинските сестри. За нашите потреби, за незадоволствата, за нанесените неправди и за се она што не држи на дното.
Бискупот Стојанов истотака изрази благодарност за неизмерната жртва и натчовечки напори што медицинскиот персонал го вложува во оваа ситуација на Ковид 19. Истакна дека од самиот почеток секојдневно во сите Католички цркви се моли за медицинскиот персонал и за оние кои се заразени од оваа немилосрдна и непредвидлива болест која коси човечки животи кај нас и во светот.
Ние сме сите исти. Облечени во иста униформа, иста ни е улогата на професијата и хуманото срце бие во сите нас. Ајде да си упатиме љубов едни кон други на работните места, да бидеме посилни и да се чуваме. Да упатиме молитви едни за други.
На обострано задоволство, залагањата на нашата професија и пожртвуваноста која ја даваат медицинските сестри наиде на голема поддршка и од поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи. Ни искажа голема духовна поддршка и желба за помош во нашата кампања за помош на медицинските сестри кои се борат против пандемијата.
Во овој момент е важно да испратиме позитивна енергија едни за други, да си помогнеме и да се сплотиме за да може да упатиме љубов до сите наши колеги и колешки од сите вероисповеди. Господ е несогледлив и неразбирлив во својата суштина, но преку своите енергии станува достапен за сите нас. Верувајте, постојат очи зад овие очи и постојат уши зад овие уши. Очи кои гледаат се и уши кои слушаат се. Најсигурниот и најисправниот пат до чистото срце, чистата душа и здравиот и светол ум е преку упатената љубов.