Господинот Ахмети не ги затвора сите врати, но останува засега на залагање на тоа јас да бидам мандатар. Се разбира дека не се исклучуваат сите опции, впрочем продуктот создавање парламентарно мнозинство е резултат на преговори, но неговите аргументи одат во насока јас да бидам мандатар, од причина што претседателот на државата е Македонец, претседателот на Собранието би бил Македонец, многу носители на јавни функции…, изјави во своето гостување во Утрински брифинг на Слободна ТВ, предлог мандатарот на ДУИ, Насер Зибери.
Според него, Али Ахмети смета дека државата треба да ги руши последните етнички бариери, а тоа ќе ги зајакне внатрешните капацитети и државата ќе докаже дека секоја функција е еднакво достапна за секој.
-За нас не е најважно дали ДУИ ќе биде дел од идната коалиција. За нас е важно дали ќе се валоризираат политичките определби за тоа што е наша аспирација. Има еден џентлменски договор меѓу партиите Алијанса/Алтернатива, ДУИ и останатите дека оној што ќе добие макар еден глас повеќе, а не мандат, ќе се помири со фактот дека ги изгубил изборите и дека нема да чека на ред кој мандатар која партија ќе ја покнани на преговори за составување на идната влада. На тој план политичките партии на Албанците имаат еден консензус. Дали ќе опстанат не можам да гарантирам, но секако свесни се за реперкусиите и политичката перспектива која може да им се случи доколку без легитимитет бидат носители на извршната власт, а ДУИ ја потиснат во опозиција. Можноста од преземање на пратеници од лево кон десно или десно кон лево, мислам дека би било најлошата услуга која може да ѝ се случи на државата. Треба да се испочитува волјата на граѓанинот и нема право ни Заев, ни Мицкоски, ни Ахмети да тргува. Нема право да бараат Заев и Мицкоски пратеник повеќе за да може да формира влада. Треба да се почитува и начелото победник со победник, вели Зибери.
Според него, ниту една политичка партија во албанскиот електорат не може да биде против евроатлантските перспективи на земјата.
ДУИ како политичка партија е спремна да преговара и со останатите опозициски албански партии за да се создаде еден фронт кој ќе биде гаранција или поддршка за вредностите за кои се залагаме. Ако треба и активно да учествуваат во парламентарното мнозинство. Не е најважно кој ќе излезе, кој ќе влезе во идната владина коалиција туку дали можеме врз основа на исти вредности да гарантираме остварување на истите определби. Од друга страна, не може да се спори фактот дека ДУИ има повеќе мандати од Алијанса/Алтернатива, дека има поддршка на цела територија, дека во секоја изборна единица има најмногу мандати. ДУИ по сите критериуми е апсолутен победник во однос на сите други албански партии. Јас не сум располагал со сите информации со кои располага господинот Ахмети и моите изјави биле такви какви што ми биле информациите. Но поважно е дека јас држам критички став и кон ДУИ и кон другите партии кога сметам дека одредена одлука не е во интерес на јавноста и граѓаните. Еден од условите јас да ја прифатам кандидатурата во разговорите со Ахмети беа дека јас не сум член на ДУИ, дека јас имам свој став и деа тој може да биде различен од ставовите на ДУИ. Сакам да имам автономија за прашања за кои сметам дека поинаку треба да се постапува. И тој став е испочитуван од господинот Ахмети. Во иднина и кон СДСМ и кон ВМРО и кон секој чинител кој има релевантно учество во политиките, ќе имам ист став. Мојата кандидатура беше донесена откако беа разрешени прашањата на мојата автономија и дилеми за кои разговараме. Дека мојата автономија ќе биде запазена, дека партиски нема да бидам обоен и дека ќе може после изборите да се преговара на рамноправни основи да се изгради заедничка платформа, рече Зибери.