Мора да има влада оти нели и овие избори беа под знак прашалник поради пандемијата. Дали ќе трае процесот на формирање влада, да, ќе трае, бидејќи гледаме дека после изборите нема контакти помеѓу они од кои се очекува да состават влада, односно лидерите на СДСМ и ДУИ. Нема контакт меѓу нив, сега е онаа борба на суети која ја видовме не само за време на предизборната кампања туку и за време на тригодишното заедничко владеење, изјави во гостувањето во „Утрински Брифинг“ на „Слободна ТВ“ Џелал Незири од СКУП.
-Ако го следите Ахмети од 2002 кога ја формираше ДУИ, па се досега имаше филозофија на целосно интегрирање на Албанците во државниот систем со преземање на директни надлежности на клучни институции. Во суштина тоа се Претседателот на државата, Премиерот и Претседателот на Собранието. Цело време тој настојува на таа симболика што за опозициските албански партии е несуштинска. Тие повеќе сакаат да се пристапи кон решеавање на детектираните дефекти од нивна страна во Уставот наместо да се инсистира на конкретни позиции. Но, Ахмети мисли дека симболиката не само суштината е важна, вели Незири.
Ако се водиме од кампањата на ДУИ, столбот беше премиер-Албанец. За мене беше несфатливо да се нагласи само етничката припадност. Ние имаме градоначалници Албанци кои катастрофално ги водат своите општини, така што таа вредност не е клучна. Но, ако ДУИ излезе со кандидат кој е респектабилен, тогаш е друга работа. Ќе биде тешко ДУИ да се повлече од идејата која ја промовираше во предизборната кампања. Мислам дека ДУИ ќе успее да се договори за други клучни позиции, како Министерството за финансии, гуверенер на Народната банка. Ако ДУИ излезе со други позиции од тие што ги имаше за време на изборната кампања, тоа ќе се сфати како предавство кај гласачите, смета Незири.