Арбен Таравари: Невозможна мисија е ДУИ и Алијансата да се најдат на истото место

Не сакаме да создаваме хибрид којшто нема да функционира, ниту, пак, мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот којшто е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации, изјави градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари во интервју за „Слободен печат“.

Таравари вели дека се апсолутно задоволни од изборите на кои Алијанса за Албанците заедно со партијата Алтернатива добија 12 мандати или 82.000 гласа.

-Искрено, цел ни беа околу 90.000, но го имаме предвид и амбиентот во кој се бориме до дојдеме до израз. Ние сме партија која на овие избори триумфираше со гласови кои беа чисти како солза, на ниту еден начин не вршевме притисок, не компромитиравме, не заплашувавме и не условувавме граѓани. Немавме ниту доволно рекламен простор во националните медиуми, бидејќи бевме третирани како мала партија. Овојпат не би сакал многу да зборувам за валканите игри на политичките противници, тие кои сакаме да се истиснат од сцената на политиката. Нивните методи се добро познати и за тоа сме зборувале повеќе пати. Овојпат нашиот триумф нема да го засенувам со тоа што ќе ги елаборирам (само)деструктивните методи на противникот. За партија која е релативно млада, постои од 2015 година, мислам дека постигнавме повеќе од достоинствен резултат, со одличен квантум на гласачи, на коишто им благодарам од сè срце. Допрва ќе се види квалитетот на нашите пратеници и мислам дека тоа е најдобриот начин да им возвратиме на тие што и го довериле својот глас на нашата партија. Колку за споредба, на првите изборите на коишто настапивме добивме само два мандати, еденбеше на НДП, а вкупно, заедно, добивме околу 36.000 гласа. Следуваа локалните избори на кои освоивме три општини, Гостивар, Врапчиште и Боговиње и вкупно 51.000 глас од советничките листи. Да оставиме граѓаните да зборуваат и на следните локални избори во 2021 година, рече Таравари.

Според него, факт е дека која било комбинација на Влада ќе биде со гранични бројки.

-Мислам дека ако не успееме да излеземе на крај со оваа ситуација, не би било чудно со локалните избори да се одржат и нови парламентарни избори, за да се состави постабилна влада. Mислам тука, пред сè, на бројот на пратеници. Ни претстои тежок период, а во таков сме веќе подолго време – пандемијата со коронавирусот и нејзините последици, економскиот дефицит…За која било владина комбинација овие предизвици се навистина тешки, рече Таравари.

Треба да знаете
Последни објави