Поранешната сопруга на Џони Деп ќе сведочи во врска со наводите за семејно насилство

Актерката Амбер Херд денес треба да се појави во суд во Лондон каде што треба да ги докаже нејзините тврдења дека претрпела семејно насилство од страна на поранешниот сопруг Џони Деп. Нејзиното сведочење е дел од судскиот процес за клевета на холивудската sвезда Деп против британскиот таблоид „Сан“. Високиот суд во Лондон во последниве две недели сослуша сведочења од неколку луѓе, вклучително и Деп, кој цели пет дена говореше за нивниот проблематичен брак, откривајќи потресни сцени од караници.

Деп, една од најплатените филмски ѕвезди во светот, го тужи издавачот на таблоидот „Сан“ – News Group Newspapers – за напис во кој го нарекуваат тепач на сопругата, што ја доведе во прашање неговата улога во продожението на „Фантастични ѕверови“.

Таблоидот тврди дека наводите на Херд во написот се точни и дека тој физички ја нападнал најмалку 14 пати во периодот од 2013 до 2016 година кога бил под дејство на алкохол или кокаин.

Деп ги негира ваквите тврдења. Во текот на петдневното сведочење, тој рече дека обвинувањата на Херд за наводно семејно насилство биле лаги и дека всушност таа била насилникот во нивниот брак.

 

Треба да знаете
Последни објави