Близу 700 вегански оброци во текот на мај и јуни поделија Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Веган 365 Кујна на загрозени категории на граѓани на Град Скопје, во рамки на проектот „Промени ја исхраната, промени го светот!“.
Како што информира Здружението, овие вегански оброци се поделени на самохрани мајки, стари лица во социјален ризик, бегалци, Роми, трансродови лица, сексуални работници, корисници на дроги, бездомни лица. Проектот е помогнат и од индивидуални донации на граѓаните, а целта е намалување на последиците предизвикани од Ковид-19 кризата, така што ќе се задоволат дел од основните човекови потреби кај социјално загрозени и маргинализирани категории граѓани, особено кај семејствата каде што или еден или повеќе од членовите изгубиле работа. – Е.Д.Е.Н. делеше балансирани и хранливи вегански оброци изработени со љубов и посветеност од целосно природни и здрави состојки. Свесни сме дека храната е еден од најважните фактори кои влијаат врз човековото здравје, но и врз животната средина и врз животните – затоа Е.Д.Е.Н. цели кон редуцирање на антропогениот притисок врз животната средина и животните предизвикан од исхраната со животински продукти, соопшти Здружението.
Акцијата е спроведена целосно волонтерски со цел, како што велат од Здружението, поттикнување и другите да донираат самостојно или пак волонтерски да ги доставуваат оброците до ранливите групи. – Влијанието на акцијата врз целните групи беше исклучително позитивно. Освен што придонесовме близу 700 наши сограѓани во социјален ризик да имаат здрав и вкусен оброк кој истовремено има најмал негативен ефект врз животната средина, дел од корисниците беа пресреќни што воопшто некој се сетил на нив бидејќи често се чувствуваат невидливи и отфрлени од општеството во целост. Етичкото веганство како начин на живот, како идеологија, подразбира елиминирање на матрицата на злоупотреба, бидејќи подразбира ненасилство врз сите живи суштества кои живеат на Земјата, информира Здружението Е.Д.Е.Н.