Рускиот претседател Владимир Путин не е вакциниран против вирусот „Ковид-19“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој го рече тоа одговарајќи на прашањето на новинарите дали Путин е вакциниран, пренесува ТАСС.
„Не. Вакцината сè уште не е одобрена. Не би било добро шефот на државата да се вакцинира со неодобрена вакцина“, рече Песков.
Според Песков, една од вакцините ја примил директорот на Рускиот инвестициски фонд (РДИФ), Кирил Дмитријев и додаде дека не знае дали некој од администрацијата на Путин волонтирал при тестирањето на вакцината.
Тој додаде дека ниту тој не го сторил тоа, бидејќи закрепнувал од болеста.
„Кога ќе пристигне вакцината, најпрво ќе им биде достапна на оние на кои им е најпотребна, а тоа се луѓето од ризичните групи“, рече Песков и додаде дека резултатите на руските истражувачи кои работат на вакцината се ветувачки, но дека нивната работа сè уште не е завршена.