Русија почна со изградба на нови бродови и нуклеарни подморници што ќе го зајакнат нејзиниот борбен потенцијал, изјави рускиот претседател Владимир Путин на церемонијата по повод почетокот на изградбата на воените бродови во бродоградилиштето „Залив” на Крим.
-Новите бродови ќе бидат опремени со напредни системи на вооружување, на контрола и далечинска комуникација. Тие значително ќе го зајакнат борбениот потенцијал на морнарицата и ќе ја зголемат нејзината стратешка способност, рече Путин во бродоградилиштето во местото Керч.
Рускиот лидер посочи дека изградбата на шесте нови бродови за далечните поморски зони денеска истовремено почна во трите водечки бродоградилишта во Русија.
-Тука во Керч почнува изградбата на два дестантни бродови, во „Северното бродоградилиште” во Санкт Петербург ќе се градат две фрегати, и во Северодвинск, во компанијата „Севмаш ” уште две нуклеарни подморници, објасни Путин.
Путин, исто така, соопшти дека на клучните точки на светските океани во моментов има распоредено околу 60 руски воени и помошни бродови, а повеќе од половината од нив пловат во далечната поморска зона.