Чуварите на историските знаменитости во Велика Британија останаа без работа поради пандемијата

Поради пандемијата на коронавирусот во Велика Британија, познатите гардисти, чувари на историските знаменитости, се соочуваат со губење на своите работни места за првпат после 500 години, јави Би-Би-Си.

Пандемијата на коронавирусот доведе до привремено затворање на шест локации со кои управува Историски кралски палати (Historic Royal Palaces), меѓу кои е и Кулата на Лондон, најпопуларната атракција.

Поради тоа, некои чувари на овие знаменитости доброволно си заминале од работа, а наскоро најверојатно ќе следуваат и откази.

Извршниот директор на Историски кралски палати Џон Барнс, тврди дека организацијата едноставно нема друг избор и оти им е многу жал што се нашле во оваа ситуација.

Барнс посочува дека тие се добротворна организација која сама се финансира, и оти 80 проценти од нивните приходи доаѓаат од посетители.

Историски кралски палати мораше да ги затвори сите шест места што ги водеше во последните четири месеци поради пандемијата, што имаше многу негативно влијание врз финансиите на оваа организација.

Кулата на Лондон, која повторно беше отворена на 10 јули, вообичаено секоја година ја посетуваат околу три милиони луѓе.

Треба да знаете
Последни објави