Велика Британија ќе живее со коронавирусот уште многу години, па дури и вакцината е малку веројатно да го отстрани засекогаш, предупредуваат британски експерти, објави Би-би-си.
Директорот на „Велком траст“, независна организација за истражувања, Џереми Фарар, изјави пред Комитетот за здравство во британскиот парламент, дека корона кризата нема да заврши до Божиќ.
Тој додаде дека човештвото ќе живее со вирусот со децении.
Оваа изјава доаѓа откако премиерот на Британија, Борис Џонсон, рече минатата недела дека се надева на враќање на нормалниот живот до Божиќ.
Експертите велат дека е важно да се биде реален дека вирусот сè уште ќе биде овде.
Џереми, кој е член на САГЕ, владино советодавно тело, рече дека светот ќе живее со Ковид-19 уште многу, многу години.
„Работите нема да бидат готови до Божиќ. Дури и ако имаме вакцина или многу добри третмани, човештвото, сепак, ќе живее со овој вирус многу, многу години“, вели тој.
Професорот Џон Бел, од Универзитетот во Оксфорд, смета дека е малку веројатно дека Ковид-19 ќе се елиминира некогаш и покрај позитивните вести објавени вчера дека испитувањата на неговиот универзитет предизвикале имунолошки одговор – важен чекор во развојот на вакцина.
„Реалноста е дека овој патоген е тука засекогаш, тој не оди никаде“, рече тој пред пратениците.
„Погледнете колку проблеми имаа во елиминацијата на детската парализа, таа програма за искоренување трае веќе 15 години. Значи, вирусот ќе дојде и ќе си оди, и потоа ќе имаме зими каде ќе се враќа. Мала е веројатноста вакцината да има траен ефект што ќе трае долго време, затоа ќе мора да имаме континуиран циклус на вакцинации, а потоа и повеќе болести, и повеќе вакцинации и повеќе болести. Затоа, мислам дека идејата дека ќе го елиминираме вирусот низ целата популација, не е реална“, додава Бел.