Ако живеевте во Југославија, се сеќавате дека се дискутираше за тоа колку би бил централниот буџет и што треба да прави државната власт. Слично нешто се случува и сега во Европската унија.
Со овие зборови, Владимир Глигоров, долгогодишен истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, иронично ги коментираше за Јутарњи лист последните преговори во Европската унија за пакетот за финансиска помош.
Глигоров им припаѓа на најпознатите економисти од Југоисточна Европа, а предавал на Универзитетот во Виена и соработувал со Оксфорд аналитика и Вол Стрит џурнал.
– Во реалноста, помалку е важно дали планираниот пакет помош ќе изнесува 750 или 650 или колку милијарди евра. Основното прашање што се отвори е дали полека се создава еден вид фискална унија во ЕУ, за што е постигнат изненадувачкиот германско-француски договор. Во првиот круг, ова би било одговор само на епидемијата, а подоцна одредено ниво на фискална заедница веројатно би можело да стане одлика на Европската унија. Група на држави што се опишани како „штедливи“ веруваат дека во тој случај врз нив ќе падне поголем товар. Тоа се побогатите земји како Холандија, Шведска, Австрија, Данска, но веројатно ќе има некој компромис на крајот, вели Глигоров.
Според него, фискалната унија во ЕУ би изгледала како таа во поранешна СФРЈ.
– Ако живеевте во поранешна Југославија, тогаш оваа тема ви е многу јасна. И таму се водеше дискусија за тоа колкав ќе биде централниот буџет и што треба да прави државната власт. Како во минатото во Југославија, така и централниот буџет во денешната Европска унија има ниски директни приходи, главно од царина, а останатото се придонеси од земји-членки, засновани врз тамошните БДП, така што побогатите земји даваат повеќе, а посиромашни помалку. Исто беше и во Југославија. Покрај тоа, имате финансиски трансфери и тоа е она што го добиваат Хрватска, Унгарија и другите посиромашни земји, како што добиваа неразвиените републики и покраини во поранешна Југославија. Фискална унија би значело дека централната власт може да им даде пари на помалку развиените, а Европскиот парламент би можел да донесува даноци, кои потоа навлегуваат во суверенитетот на земјите-членки. Богатите би дале повеќе, а некои сметаат дека не им се исплати. Сепак, фискалната пресметка е различна од економската, и затоа Германија е заинтересирана за создавање, барем ограничена фискална унија. Од нивна гледна точка, не е неважно колку стоки може Германија да продава во Италија, Шпанија, Словенија или Хрватска, а за да го стори тоа, жителите на овие земји мора да имаат добра куповна моќ. Инвестирањето во овие земји индиректно води кон раст на германската економија. Од друга страна, тука Холандија или Шведска инвестираат многу помалку и затоа немаат интерес како Германците, вели професорот.
Тој смета дека се зависи од економските трендови.
-Германија со години имаше помал раст од Шпанија и новите членки на ЕУ од Источна Европа. Во принцип, фискалната унија е попрофитабилна за економски посилните земји, но со претпоставка дека помалите земји растат побрзо и со тоа постепено го балансираат фискалниот товар. Како и да е, во моментов во Европа не постои политичка подготвеност да се согласи за фундаментално прашање како што е создавање фискална унија и ова е тема што ќе се појави во иднина, смета Глигоров.
Во однос на последици од пандемијата врз Европската унија, професорот е на став дека учиме од искуство, па можеме да претпоставиме дека ЕУ ќе биде поподготвена за следната пандемија.
– Претпоставувам дека во иднина ќе бидат издвоени повеќе средства за здравството и за истражување. Покрај тоа, очекувам дека Европската унија навистина ќе започне посилно да се интегрира, а не да се дели на Германија, Франција, Италија и други земји, затоа што вирусот ни покажа дека не ги почитува државните граници. На Европа му треба космополитизам, иако не се исклучува ретрограден процес на враќање на национализмите, вели Глигоров.