Новиот статут на ВМРО-ДПМНЕ не предвидува почесни членови и почесни претседатели, што значи дека ниту Никола Груевски, ниту било кој друг почесен поранешен претседател согласно новиот статут не се повеќе почесни претседатели.
Меѓу новините во партискиот статут, како што истакнаа од партијата, вечерва по завршувањето на состанокот на Централниот комитет, се непосреден избор во општинските комитети и кандидати за јавни функционери, како градоначалници и слично.
Потоа, новиот партиски статут предвидува и ограничување на правото на реизбор на партискиот лидер и други партиски функционери на 3 мандати, со тоа што, посочуваат од опозициската партија, за третиот мандат треба да одлучи надлежен орган со двотретинско мнозинство.
-Во однос на почесни членови и почесни претседатели овој статут на ВМРО-ДПМНЕ такво нешто не предвидува односно ниту Никола Груевски, ниту било кој друг поранешен почесен претседател повеќе согласно овој статут не се почесни претседатели. Такво нешто статутот не предвидува- рече Панче Тошковски, претседател на статутарната комисија при ВМРО-ДПМНЕ