Унгарија стави вето на отфрлањето на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на израелско-палестинскиот конфликт од страна на Европската Унија бидејќи тој, веројатно, ќе успее повеќе од кој било претходен предлог, изјави вчера унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, за „Џерусалим пост“ за време на посетата на Израел.
„Сите планови изнесени досега не успеаја. Ако го видите планот на Трамп, ние веруваме дека има најголема можност да биде основа за успешни преговори. Затоа ставивме вето на изјавата на ЕУ, со која беше осуден планот кога беше објавен“, рече тој.
Заедно со Чешка и Австрија, Унгарија силно се спротивстави на европските закани за Израел ако продолжи со својот план да го примени својот суверенитет на делови од Западниот Брег. Сепак, Сијарто се воздржа од јавна поддршка за анексијата.
„Да почекаме додека Израел не донесе одлука. Нема смисла да го осудуваме Израел за нешто што сè уште не е сторено, за кое сè уште не е донесена одлука. Тоа е многу контрапродуктивно. Сметаме дека треба да му се даде време и на планот на Трамп за да видиме дали функционира или не наместо да го судиме однапред“, рече Сијарто.
Сијарто се сретна со својот израелски колега Габи Ашкенази за да разговара за регионалната безбедност и особено за Иран и за прекршувањата на нуклеарниот договор од 2015 година. Во изјавата за медиумите по нивната средба, Сијарто го спореди ставот на меѓународната заедница кон Израел со оној кон неговата земја.
„Да имаше натпревар меѓу земјите што најмногу се напаѓани од светските медиуми, Израел и Унгарија сигурно ќе бидат меѓу првите три“, рече тој.
Сијарто подоцна објасни дека меѓународниот либерален мејнстрим не може да замисли дека постојат влади кои водат патриотска политика, сосема спротивно на либералниот мејнстрим.
„Премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговиот унгарски колега Виктор Орбан се концентрираат на нивните национални интереси. Како што Трамп вели ‘Америка прво’, ние во Унгарија велиме ‘Унгарија прво’ и добро разбираме кога ќе рече премиерот Нетанјаху – ‘Прво Израел’“, рече Сијарто.
Владата на Орбан беше обвинета за поттикнување на антисемитизмот поради осудата кон унгарско-американскиот милијардер Џорџ Сорос, чии организации финансираа универзитет и либерални граѓански групи во Унгарија.
-Кога има поплаки за владата на полето на борбата против антисемитизмот, тие се политички мотивирани. Имаме нулта толеранција за антисемитизмот“, рече Сијарто истакнувајќи дека Унгарија има најголема еврејска заедница во централна Европа и за разлика од поголем дел од Европа, во Будимпешта на синагогите и на еврејската заедница не им се потребни вооружени чувари.