Преговорите меѓу стручните тимови на Владата на Црна Гора и Српската православна црква (СПЦ) за законот за слобода на религијата денеска завршија без резултат. Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ рече дека преговорите не се успешно завршени, и покрај бројните отстапки на владиниот експертски тим.
– За време на вториот круг експертски разговори, се согласивме да ја пренесеме постапката за утврдување на записи од регистар на земјиште од управна постапка во редовна судска постапка, каде товарот за докажување на сопственоста паѓа на државата, а не на црквата. Во таа смисла, ние предложивме комплетно нов член 63 од Законот, со што ги прифативме предлозите на Српската православна црква, рече Марковиќ по состанокот.
Марковиќ истакна дека Владата не поставила никакви услови.
– Единствено барање на Владата беше регистрација на сите цркви и верски заедници, вклучувајќи ја и Српската православна црква и нејзините епархии, според писмото на законот. Регистрацијата, што беше обврска според претходниот закон, да биде на начин како што тоа го регулираат сите цивилизирани и демократски општества. За жал, Српската православна црква одби, рече Марковиќ.
Епископскиот совет на СПЦ денеска ја обвини Владата на оваа земја дека не сака успех на преговорите за Законот за слобода на религијата.
„За жал, констатираме дека последниот предлог на Владата постави ултиматум пред Црквата во форма на задолжителна регистрација на Митрополијата и епархиите на Српската православна црква во Црна Гора, и покрај фактот дека тие постоеја како црковни институции во Црна Гора веќе осум века. Станува збор за невидено понижување во вид на ултиматум на Црквата повторно да се пререгистрира и како новоформирана верска заедница, повторно да стекне правна субјективност, која е признаена и препознаена од сите власти, па дури и окупаторските, низ вековите до денес”, наведува Епископскиот совет на СПЦ.
Советот додава дека предлогот на Владата за користење на црковниот имот и докажување на сопственоста за нив бил прифатлив, но дека тие не би можеле да се согласат со обврската за нова регистрација.