Родителите на Ангела: Нема докази дека нашата ќерка е виновна

Долго време молчевме, сега решивме да проговориме, казната од 19 години затвор за нашата ќерка Ангела е превисока, велат пред камерата на Алфа родителите на осудената Ангела Ѓорѓиевска која според пресудата му помагала на убиецот на Пино Секондо.

Според нив, немало докази дека Ангела е виновна за тоа што е осудена, велат ќе ја обжалат пресудата на Апелација.

Мајката вели дека не е вештачен телефонот на нејзината ќерка, како и дека имало уште многу работи да се истражуваат пред да се донесе пресудата за 19-годишна затворска казна. Вели верува во правда во Македонија, но правдата била селективна.

Мајката на починатиот Пино пак, е незадоволна од пресудата. Во интервју за медиумите вели дека ако има правда, за Ангела требало да има доживотен затвор.

– Очекувавме, ако веќе зборуваме за правда, доживотен затвор. Не може да одземеш нечиј живот, да си го дозволиш тоа право, и да поминеш вака… Ова е само еден лош пример, еден вид на поттик на потенцијалните убијци, на криминалците… Зошто нема доживотна казна за вакво дело? Зошто не се менуваат законите во Македонија, зошто ова не се искористи како пример за другите, за во иднина некој добро да размисли пред да крене рака, пред да одземе нечиј живот?, прашува Маја.

Според судската пресуда, Ѓорѓиевска е виновна со тоа што помогнала во извршување на убиството кое, како што покажуваат доказите, го извршил Али Фуркан кој се уште е во бегство.

Пино беше убиен на 11 декември 2018, а неговото тело беше пронајдено во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.

Треба да знаете
Последни објави