По средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потпретседателот на Српската напредна партија (СНС) Милош Вучевиќ изјави дека листата „Александар Вучиќ – за нашите деца” побара мандат за состав на новата влада.
– Очекуваме Собранието да биде конституирано до 3 август, изјави Вучевиќ, додавајќи дека нивните предвидувања се оти владата ќе биде формирана до септември и дека тоа ќе биде влада на континуитет во однос на политиката и економијата.
Вучевиќ наведе дека претставниците на листата на СНС изјавиле што мислат за коалициските партнери од другите изборни листи, но дека немале единствен став.
– Ќе видиме дали во владата ќе има и други партии, истакна Вучевиќ, нагласувајќи дека во СНС има поделени мислења дали треба да оди со коалициски партнери од други листи или не.
Тој кажа дека разговарале за кризата предизвикана од коронавирусот, изградба на патишта и плати до 2025 година, наведувајќи дека се свесни за својата одговорност и дека на состанокот не зборувале за кадровски решенија.
Расим Љајиќ, претседателот на Социјалдемократската партија на Србија (СДПС) која е коалициски партнер со СНС, повтори дека не станало збор за персонални решенија, но дека ќе има промени и освежување во новата влада. За 15 дена ќе има нова рунда консултации, по што ќе се знае повеќе.
Тој смета дека сите кои влегле во Собранието не треба да бидат во идната влада, затоа што е нормално да има опозиција во Парламентот.