Сопственикот на фудбалскиот клуб Интер од Мајами, Дејвид Бекам ги предупреди навивачите на новоформираниот клуб да не очекуваат брз успех и трофеи. Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Реал, Милан, Пари Сен Жермен и Л.А. Галакси, се огласи откако неговиот Интер претрпе пет порази во конкуренцијата во групата А на МЛС турнирот во Орландо.
Бекам почувствува потреба да им се обрати на фановите и бројните следбеници на социјалните медиуми, па затоа испрати јасна порака преку Инстаграм.
Тој инсистира на градење доверба помеѓу клубот и навивачите и вели дека ќе биде потребно многу работа и време за да се постигнат планираните цели.
– Понекогаш патот е долг и ви треба пауза. Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Ла Лига и Премиер Лигата не беа создадени за еден ден. Екипите, играчите и клубовите им треба време да блеснат, но кога ќе сторат, тешките времиња изгледаат како нешто од минатото. Важно е да се запамети што сторивме досега. Горд сум на мојот тим, клубот, големите фанови што ги имаме. Трпеливоста е доблест, рече Бекам.
Менаџерот на Интер во Мајами, Диего Алонсо, исто така признава дека клубот треба да направи повеќе, иако додава дека очекува засилувањата да помогнат во постигнувањето на целите.
– Ние сме реални и знаеме дека мора да работиме напорно за да напредуваме. Имаме уште четири недели да напредуваме, очекуваме неколку нови играчи, кои треба да не подобрат како тим , рече Алонсо.
Интер беше поразен од Лос Анџелес (1:0) на почетокот на натпреварувањето во Орландо, а потоа и од Ди Си Јунајтед (2:1), Орландо Сити (2:1), Филаделфија (2:1) и Њујорк Сити (1:0).