Американскиот министер за одбрана Марк Еспер денеска изјави дека Пентагон разгледува „прилагодување” на своето воено присуство во Јужна Кореја и ширум светот повлекувајќи се од мисиите за борба против тероризмот на Блискиот Исток и фокусирајќи се на Кина.
Тој истакна дека на дал наредба за намалување на бројот на американски војници во Јужна Кореја, туку оти се разгледува „прилагодување”.
Еспер не наведувајќи детали истакна дека сега акцентот е на ротациските разместувања на трупите, за разлика од трајното стационирање на американските војници.
– Тоа на САД им дава поголема стратешка флексибилност во смисла на одговор на предизвиците ширум светот, потенцира Еспер.
Во Јужна Кореја стацинирани се околу 28.5000 американски војници, како одбранбен ѕид со Северна Кореја. Но, договорот помеѓу САД и Јужна Кореја е под знак прашалник поради барањето на Вашингтон, Сеул да го зголеми износот кој го плаќа за американското присуство.
Еспер во своето обраќање на лондонскиот Меѓународен институт за стратешки студии истакна дека откако ја презеде функцијата пред една година, бара начини што поголем број американски војници да се вратат во САД, за да можат директно да се обучуваат за мисиите поврзани со потенцијалните судири во азиско-пацифичкиот регион.
На почетокот од месецот Еспер одобри повлекување на 9.5000 војници од Германија, но се уште не е познато колку од нив се вратени во САД, а колку се прераспоредени во другите делови на Европа и во светот.