Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) апелира до работниците да ги почитуваат мерките за заштита на работното место во време на пандемија како што се често миење на рацете и користење средства за дезинфекција, држење физичка дистанца од два метра и избегнување контакт со заболено лице или лице кое се вратило од патување од земја со висок или среден ризик.
Оттаму посочуваат дека почитувањето на мерките е важно затоа што доколку е загрозено здравјето на работникот, тогаш загрозени се и работното место и работата на целата компанија.
– Свесни сме дека се наоѓаме во неизвесен и кризен период каде работникот е изложен на можна инфекција од Ковид-19 а со тоа и ширење кон другите колеги. Затоа повторно апелираме за зголемување на свеста кај секој работник дека навистина неговото здравје е важно, како за себе, своето семејство, така и за сите колеги и целото општество. Оваа пандемија покажа колку е изложен на удар системот на безбедност и здравје при работа и колку лесно и брзо може да се шири вирусот преку работните места, нагласуваат од КСС.
Според синдикатот, не секаде уредно се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
– Сведоци сме дека овој вирус зема голем замав на светско ниво и затоа потребна е заедничка одговорност и спроведување на мерките за заштита од заразни болести потенцирајќи дека силата е во заедничкото дејствување со цел прекинување на ширењето на овој разорен вирус, велат од КСС.