Партијата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска достави предлог-закон до Парламентот, кој предвидува посилна контрола врз социјалните мрежи. Главните социјални мрежи како Твитер и Фејсбук ќе треба да имаат претставник во Турција, во спротивно нивниот домет ќе биде намален, се наведува во текстот.
Социјалните мрежи исто така ќе треба да ги почитуваат наредбите на турскиот суд за отстранување одредена содржина во рок од 24 часа, а предвидени се и сериозни казни во случај на непочитување на судските наредби.
Предлог-законот е насочен кон социјалните мрежи со повеќе од милион врски дневно. Тие исто така треба да ги чуваат податоците за турските корисници на серверите во Турција.
Целта на законот е да се „прекинат навредите и вознемирувањето” преку Интернет, рече Озлем Зенгин, член на Партијата за правда и развој (АКП) на Ердоган, на прес-конференција.
На почетокот на јули, турскиот претседател повика на „воведување ред” на социјалните мрежи, откако на Твитер беа навредувани неговата ќерка и зет.
Според најновиот „извештај за транспарентност” на Твитер, во првата половина на 2019 година, Турција е на чело на земјите што побараа отстранување на содржината од таа социјална мрежа со повеќе од 6.000 барања.